Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ денеска 14 септември на Плоштадот Мајка Тереза кај колонадата на Скопје (пред Македонска Опера и балет) по повод 15 септември Меѓународниот ден на демократијата ќе ја промовира Декларацијата која го носи името „Повеќе учество, повеќе демократија“ на која ќе се обратат шефот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, како и претседателката на Унија на жени и портпарол на Владата Марија Митева.
Како што дознаваме од партиски извори, станува збор за политичка платформа со која Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ќе стави акцент на поголема политичка вклученост на жените во политичките процеси и јакнење на демократската политичка, како во партијата така и во општеството.
Од информациите до кои дојдовме оваа политичка декларација наведува дека демократијата е најсилна тогаш кога граѓаните не се само гласачи, туку активни учесници во создавање и креирањето на политиките и одлуките.
Во декларацијата се истакнува и определбата за слободна, демократска, суверена и европска Македонија, изградена врз владеењето на правото, одговорни институции, еднакви можности, како и почитување на човечкото достоинство и политичка одговорност.
Воедно, нашите извори велат дека со оваа декларација Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ сака да отвори простор за нови идеи и поголемо учество на жените во носење на политички одлуки.
Во рамки на настанот, ќе се одржат и две последователни панел дискусии насловени учество како двигател на демократијата и улогата на политичките партии во демократското учество на кои ќе говорат министрите Тимчо Муцунски, Владо Мисајловски, како и членовите на Извршниот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Елена Ивановска, Ана Шутиноска, Маре Богева Мицковска, Ленче Неловска, Елена Кочова и Драгана Арсова.
За потсетување, по изборот на претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева ја започна кампањата со посета на општинските комитети, каде што испрати порака дека секоја жена може да биде дополнителен глас, учесник и носител на промени, охрабрувајќи ги жените да се вклучат и да придонесат.
Оттука како што велат високи партиски извори, декларација „Повеќе учество, повеќе демократија“ е продолжени на тој пристап на Митева, Унијата на жени да биде отворена за нови иницијативи, нови лица и поголема вклученост, со јасна порака и визија дека во политиката има простор за секоја една жена која сака да придонесе но и да преземе одговорност.
