Министерката за одбрана Славјанка Петровска, крие луксузен имот. Како што кажав во дуелот со Министерката во средата таа во својот Анкетен лист до ДКСК пријавила само долгови, два кредити и една кредитна картичка, но не и луксузна хациенда во Радишани, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
-Во дуелот ја прашав Петровска дали крие имот во Скопско, по што таа негираше и рече дека се што поседува е во нејзиниот Анкетен лист, односно дека не поседува имот. Петровска е фатена во лага како крие имот.
Одиме со ред.
Анкетниот лист на Петровска кој ви го покажав потврдува дека таа лаже.
Вистината е дека Славјанка Петровска поседува огромна хациенда со базен во Радишани.
Ова е хациендата на Петровска. Во таа хациенда има голем базен, целиот имот е ограден со голема двометарска ограда, што може да се види од следните слики.
Ова е евидентниот лист на Петровска од Катастарот на недвижности. Овој имот на Петровска е евидентиран и во Агенцијата за Катастар на недвижности, прибележан во евидентен лист во катастарската општина Радишани. И се наоѓа на улица Радишанска.
Жителите од тој дел на улица Радишанска според избирачкиот список гласаат во избирачкото место 2948/1 кое се наоѓа во ОУ Ацо Шопов. Тоа е истото избирачко место каде гласа и Славјанка Петровска. По што може да се заклучи дека адресата на луксузната хациенда на Славјанка Петровска е и адреса на живеење која истата ја има во личната карта.
Дополнително според нашите информации хациендата на Петровска, покрај тоа што не е пријавен како нејзин имот во ДКСК, таа е и дивоградба, односно истата не е легализирана.
Ги повикуваме надлежните институции да постапат, а Славјанка Петровска наместо на ВМРО-ДПМНЕ како што вети, оваа луксузна хациенда да ја донира на здруженијата на бранители од 2001 година.
Очекуваме Петровска да остане на зборот, и овој имот во најкраток можен рок да го подари на здруженијата на бранители, лица кои во 2001 година не ги штедеа животите за ние денес да живееме во слобода.
Дополнително ја повикувам Славјанка Петровска веднаш да си поднесе оставка. Функционерите треба да бидат отчетни и чесни. Лажењето дека не поседува имот кој не пријавен во нејзиниот Анкетен лист не е одраз на чесност.
Ако Петровска крие имот, што друго можеме да очекуваме дека ќе крие? Личност без морална димензија како Петровска не смее да биде на чело на МО и да седи заедно со министрите за одбрана на нашите стратешки сојузници во НАТО, рече Ковачки.