Додека народот нема таблети и вакцини за ковид-19, Заев секој месец го плаќал синот на Самка и секретарката на Рашковски, реагираше Дарко Костовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Списоците на овие „тајни“ хонорарци беа објавени вчера по притисокот на јавноста, а имињата на Демир Ибраимоски и Ивана Митрова се само дел од 55-те лица кои се најдоа на истите.

Имено, само секретарката Митрова и Демир Ибраимоски, месечно земаат плата од речиси 80.000 денари за своите услуги во Владата на Зоран Заев.

– Со народни пари, како хонорарци чии имиња беа криени од јавноста до вчера, е плаќан и Дамир Ибраимоски, син на Самка Ибраимоски, коалиционен партнер на Заев и заменик директор на „Македонија пат”. И додека Самка ги лаже Ромите со покачена социјална помош, неговиот син земал 40.000 денари месечно како хонорарец. 53.000 денари хонорар од Заев добил и професорот Ванчо Узунов, кој беше и потпретседател на СДСМ. На листата хонорарци се најде и името на Ивана Митрова, секретарка на Драги Рашковски, која земала 38.000 денари. Независен колумнист, и владин хонорарец во исто време, тоа е Петрит Сарачини, кој месечно од владата бил плаќан 42.000 денари. Истиот тој се продава како независен и непристрасен. Марко Михаилоски претседател на СДММ е уште еден од хонорарците чии имиња до вчера не беа објавени. Дали Михаилоски земал државна плата, а работел партиски задачи? Или партијата и државата тоа е исто за Заев и неговите? Ова се само дел од таканаречените експерти и независни хонорарци, кои се платени со наши пари, рече Костовски.