Фотографии на кои се гледаат лица во костими за капење како се качуваат по надворешниот ѕид на кулата на црквата „Св. Никола“ во Маврово предизвикаа реакции на социјалните мрежи.
Авторот на објавата тврди дека станува збор за посетители кои пристигнуваат со комбиња и се качуваат директно на објектот на храмот, „облечени несоодветно за црковен и свет простор“, дека станува збор за место кое „претставува свет и духовен простор, а истовремено е дел од културното и туристичкото наследство на Маврово“.
Авторот бара интервенција од институциите и воведување ред. Тој вели дека целта на објавувањето на фотографиите не е навреда на туристите, туку алармирање на јавноста и надлежните институции.
Тој прашува „Дали некој ги предупредува посетителите дека станува збор за црковен храм? Дали постојат правила за пристап и однесување околу објектот?“.
