Состојбата со пожарите на отворен простор во текот на вчерашниот ден беше навистина тешка, имавме 29 пожари. Од нив, 22 се целосно изгаснати благодарение на брзата реакција и силната пожртвуваност на локалните пожарникари, каде што се развиваа овие пожари. Еден е ставен под контрола, додека шест се активни во моментов, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, на видео објавено на Јутјуб.
– На пожарот на територијата на Македонски Брод, во атарот на село Драгов Дол, денеска користиме специјална техника, односно непосредно до пожарот наместивме голем импровизиран базен од којшто хеликоптерот ќе полни вода и ќе може да фрла врз блискиот оган со кратки циклуси, значи на 4-5 минути ќе имаме едно фрлање на вода, со што значително ќе помогне на локалните пожарникари и на тимот за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување, составен од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на Дирекцијата, кои во суштина претставуваат специјален модел за гаснење на шумски пожар. Истите имаат завршено повеќе обуки од овој тип и пролетта ги испратив на специјална обука во Словенија – соопшти Ангелов.
Тој рече дека очекува во текот на денот целосно да го изгаснат овој пожар.
- Следниот пожар се наоѓа на територијата на општина Крушево, атар на село Борино и село Житоше. Рано утрово таму упатив тим за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување, составен од 20 доброволни пожарникари од Доброволното друштво „Свети Архангел“ од Битола. Резултатите се изворедни. Исто како и изминатите денови изгаснаа неколку пожари и денес овој пожар е пред целосна ликвидација. Очекувам некаде до пладне да биде воспоставена целосна контрола врз него, потоа да се изврши проверка и истиот да биде целосно изгаснат, со што нема да ги загрозува селата – додаде Ангелов.
