По редовниот неделен состанок на Министерството за одбрана на Франција, владиниот портпарол Габриел Атал им потврди на новинарите дека од следната сабота сите патници, вакцинирани или не, ќе мора да покажат негативен тест при влез во земјата.

Овој потег уследи откако голем број земји ширум светот ги заострија условите за влез на странски патници поради појавата на омикрон сојот на коронавирусот, кој се прошири во неколку земји од ЕУ.

Одлуката на Париз ќе важи и за граѓаните на Велика Британија.

На невакцинираните патници им е дозволен влез во Франција само доколку имаат важна причина за доаѓање во таа земја, а за нив важи правилото дека мора да покажат негативен ПЦР или тест за антиген кој е направен најдоцна во рок од 24 часа.