„С. Македонија направи подвиг во Германија“, е насловот во интернет издението на телевизијата „Л’Екип“, чии коментатори за време на директниот пренос не ја криеја радоста по вториот победоносен гол на Елмас. Додека сите македонски играчи и штабот на репрезентацијата го слават победоносниот гол, тие само прокоменираа низ смеа: „Не ги почитуваат здравствените мерки за Ковид за дистанца, ама затоа Германците многу ги почитуваат и ја разредија одбраната“.
Коментаторите во повеќе наврати македонските играчи ги нарекуваа „Црвени лавови“, давајќи потсетување за француските гледачи за промената на името на земјата во С Македонија и нагласувајќи дека не постои држава „Јужна Македонија“.
Во друг текст на интернет изданието на „Л’Екип“ под наслов: „Каков срам! Германскиот печат ја критикува Маншафт по поразот на домашен терен од Македонија“, се пренесуваат насловите на германскиот печат: „Каков срам“ – „Билд“, „Лошо изненадување“ – „Кикер“, „Германија се посрамоти“ – „Велт“ и „Болно будење за Маншафт“ – „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.
Француското издание „20 Минути“ објави текст под наслов „Тоа не требаше да се случи – срам за Германија, победена од С Македонија“, потестувајќи дека досега германската репрезентација немаше изгубено бодови во квалификации за Светско првенство од 2012 година.
„Со ФУТ“ под насловите: „Македонија ја изеде Германија“ и „Пандев ја здроби Германија“, наведува дека македонската ѕвезда и на 37 години ја искористи арената во Дуизбург за уште повеќе да ја изгради својата легенда.
– Горан Пандев нема повеќе време за губење и затоа докажа дека има уште во ѓонот во текот на 90-те минути, иако е по возраста е поблиску до неговиот тренер Игор Ангеловски (44 години), отколку до Влатко Стојановски ( 23 години), напаѓачот на Шамбли кој го замени по прекинот. Капитен, играч со најмногу настапи за селекцијата (114 натпревари) и најдобар стрелец (36 ) во историјата на македонскиот тим. Старецот е легенда, вистинска. Во ноември 2020 година, тој ја квалификуваше С Македонија во првата завршна фаза на едно меѓународно фудбалско првенство во својата историја, постигнувајќи го единствениот гол во финалето од плеј-офот за пласман на ЕУРО 2020 против Грузија (0-1), се наведува во опширниот текст на „Со ФУТ“.
Француското популарно радио РТЛ коментира дека Германија е посрамотена од С Македонија.
Регионалниот весник „Прогрес“ пак оценува дека „Германија се урна дома против С Македонија“. – С Македонија направи подвиг да ја победи Германија, која имаше забележано 17 последователни победи во квалификациите, наведува „Прогрес“, додавјќи дека „тоа е сензација на вечерта“.