Уапсениот градоначалник на јужната албанска општина Химара, Фреди Белери, кој беше предложен за европратеник од владејачката партија Нова демократија во Грција, доби место во Европскиот парламент, јавува Euronews Албанија.

Според податоците на албанските медиуми Белери е на третото место по гласови во партијата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Според Еуроњуз Албанија, тој треба да биде меѓу седумте европратеници кои ќе ја претставуваат „Нова демократија“ во Европскиот парламент.

Фреди Белери, кој е етнички Грк, беше уапсен два дена пред локалните избори во Албанија на 14 мај 2023 година, под обвинение за купување гласови. Во март годинава беше осуден на две години затвор. Од грчка страна ја доведоа во прашање правичноста на судскиот процес против него и јасно ставија до знаење дека тоа може да ја загрози европската интеграција на Албанија.

По изборот за европратеник, Белери им се заблагодари на Грците кои „го почестија со својот глас“ и ја опиша веста како „победа на светлината над темнината“.

Белери додава дека војната е добиена благодарение на гордоста и патриотизмот на Грците.

Во пораката до поддржувачите, тој подвлекува дека гласот на грчкото малцинството во Албанија сега ќе биде уште посилен.