Земјите-членки на Г7 се договориле за дополнителни санкции против Москва. Мерките, објавени на самитот во Хирошима, вклучуваат ограничувања на извозот на предмети „од критично значење за Русија на бојното поле“, како и мерки што ги таргетираат субјектите обвинети за преместување материјали на фронтот за Москва.
Лидерите на Г7 објавија соопштение на првиот ден од самитот во Хирошима, во кое ја повторија својата посветеност заеднички да се спротивстават на „руската незаконска, неоправдана и неиспровоцирана агресивна војна против Украина“.
Се додава дека е неопходно „целосно и безусловно“ повлекување на руските трупи од Украина.
„Воведуваме дополнителни санкции и мерки за зголемување на трошоците за Русија и оние што ги поддржуваат нејзините воени напори. Исто така, сакаме да обезбедиме Русија повеќе да не може да ги користи достапните енергетски ресурси против светот“, се вели во заедничката изјава.
Нагласено е дека земјите-членки на Г7 ќе ѝ пружат финансиска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина сѐ додека тоа е неопходно.
Руските сили се обидуваат да ја вратат територијата што ја загубија околу Бахмут на истокот на Украина, но силите на Киев ги одбиваат нападите, изјави денеска заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар.
Таа рече дека руските сили постигнале одреден напредок во самиот град, но дека не го контролираат и дека борбите сѐ уште беснеат, пренесува Ројтерс.