„Бидете спокојни, земјотресот во Турција со сигурност нема да ја стресе Македонија. Ние сме друго сеизмичко подрачје и далечината од источно-анадолскиот расед е преголема за да се трансферира редистрибуцијата на напрегањето од денешниот земјотрес“, вели Гаревски за „Макфакс“.

Професорот објаснува дека земјотресот во Турција од утрово не е изненадување имајќи предвид дека земјата е едно од најтрусните подрачја на светот заедно со Јапонија, Индонезија, Америка и Чиле.

„Ваков земјотрес не е за изненадување, но сепак ова е еден од најголемите земјотреси во историјата на Турција. Таму најсилниот земјотрес што се случил во 1939 година бил во градот Езерџан со магнитуда од 7,9 степени според Рихтер и имал 17.000 жртви. Езерџан се наоѓа на почетокот на северно-анадолскиот расед долг 1.200 километри. Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени според Рихтер се случи и на крајот на истиот расед во близина на Истанбул во 1999 година, исто така со 17.000 жртви. Тогаш ја предводев екипата од Македонија, која излезе по две недели од земјотресот. Глетката беше стравотна, како и оштетувањата. Констатацијата беше дека бројот на жртви е предизвикан и поради исклучително слабите градби“, додава Гаревски за „Макфакс“.

По 1999 година, Гаревски цени дека Турција многу ги зајакнала контролите и мерките за сигурна градба. Имајќи ја предвид јачината на сегашниот земјотрес, Гаревски смета дека на градбите навистина се внимавало, а тоа го покажува бројот на жртви.

„Засега бројот на жртви, официјално, е 1.500. Би бил среќен да се остане на тоа. Но, имајќи ја предвид силината на земјотресот, очекувано е бројот на загинати да надмине 5.000 жртви. Но, дај боже, да грешам“, посочува професорот.

Според Гаревски, во регионот околу земјотресот во Турција очекувани се афтершокови, чиј интензитет ќе се намалува.

Разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер утрово во 04.17 часот ја погоди јужна Турција, а по првиот, следуваа уште неколку силни потреси.