Триесет и пет години по прогласувањето на независноста, државноста не треба да се гледа само како резултат на референдумот и политичкиот акт од 1991 година, туку како процес што се гради секојдневно преку институциите, законите, економијата, образованието и правдата. Ова го порача претседателот на Собранието Африм Гаши на приемот во Собранието по повод 8 Септември – Денот на независноста.
Според Гаши, иднината на државата е директно поврзана со довербата на граѓаните во институциите и со уверувањето дека нивната лична иднина може да се гради во земјата. Тој порача дека одбележувањето на 35-годишнината треба да биде и повод за осврт кон изминатите децении, но и за размислување каква држава ќе им биде оставена на генерациите што доаѓаат.
Говорејќи за 1991 година, Гаши нагласи дека независноста е остварена во особено сложени околности, во период на распаѓање на Југославија, политичка и економска неизвесност и големи промени во Европа. Тој посочи дека тогаш пред оние што ја создаваа независна Македонија стоеле две клучни прашања – дали независноста може да се оствари и дали тоа може да се направи без војна.
– Кога доаѓа 8 Септември и ѝ се навраќаме на 1991 година, секогаш го имаме предвид фактот дека независноста дојде во исклучително тешко и деликатно време. Освен што беше време на распаѓање на Југославија, на политички и економски неизвесности, како и на големи промени во Европа, тоа беше и време кога пред оние што ја создаваа независна Македонија стоеше предизвикот дали оваа независност може да се оствари и, второ, дали сето тоа може да се постигне без војна. Затоа, без оглед на тоа на кој политички табор му припаѓале и дали се согласуваме со сите политички одлуки на таа генерација, не можеме да не го признаеме и вреднуваме фактот дека Македонија стана независна и суверена на мирен начин, нешто што не се случи со другите републики кои се одвоија од поранешна Југославија – изјави Гаши.
Тој оцени дека токму поради тоа 8 Септември и референдумот од 1991 година претставуваат мирен роденден на држава што, како што рече, била сонувана од многу генерации и претставуваат круна на повеќедецениска заложба.
– Додека славиме, не треба да заборавиме дека патот во изминатите 35 години не бил лесен. Имаше периоди на успех, но и периоди на кризи. Имаше моменти на стабилност, но и моменти на политички и економски потреси. Доживеавме уставни и институционални промени. Поминавме низ тежок економски транзициски процес и трансформација на општеството, додека многу наши граѓани ја напуштија земјата во потрага по подобар живот – изјави Гаши.
И покрај сите тешкотии, Гаши нагласи дека граѓаните кои останале во земјата продолжиле да веруваат дека вреди да се работи на создавање ефикасни и доверливи институции. Оттука, според него, 35-годишнината треба да се набљудува преку она што е изградено, а не само преку неуспесите.
– Ова е оптимистичката визија за земјата и за сите наши граѓани. Во таа насока, секој кој ја сака оваа држава знае дека во темелот на државата лежи рамнотежата на еднаквоста и дека колку повеќе се зачувува оваа рамнотежа, толку е поуспешна и самата држава. Северна Македонија е дом на граѓани со различна етничка, јазична, верска и културна припадност. И тоа не е пречка на патот на градењето на државата. Тоа е реалноста на нашата држава, а наша одговорност е оваа реалност да ја претвориме во извор на успех – порача Гаши.
Осврнувајќи се на следните 35 години, Гаши ја постави предизвикот на сегашната генерација како прашање за тоа каква држава сакаме да создадеме во иднина. Во тој контекст, тој се заложи за функционални институции, еднаква примена на законите, поефикасна администрација, борба против корупцијата и заедничка европска перспектива.
– А државата на иднината треба да биде држава на функционални институции, каде што администрацијата не го гледа граѓанинот како товар, туку како причина за своето постоење, каде што законот се применува еднакво без оглед на припадноста на странката, каде што корупцијата се гледа како порок и каде што сите ја гледаат заедничката европска перспектива. Всушност, ние можеме да имаме различни јазици, различни култури, различни традиции, различни политички убедувања, но имаме само една заедничка држава. Ова треба да биде основата на нашиот однос – порача Гаши.
Според претседателот на Собранието, парламентот има посебна одговорност во овој процес, бидејќи таму општеството се претставува преку своите институции. Тој посочи дека парламентарната дебата, несогласувањето и критиката се составен дел од плуралистичкото општество, но над политичките разлики треба да стои одговорноста кон државата и граѓаните.
– Ние знаеме дека во секое плуралистичко собрание парламентарната дебата е неопходна, несогласувањето е нормално и секако и критиката е потребна, но над секоја политичка разлика треба да постои една поголема одговорност – одговорноста кон државата и кон граѓаните. Можеби нема да се согласуваме за начинот на кој треба да постигнеме одредена цел, но мора да бидеме способни да се согласиме за тоа кои се основните државни цели – изјави Гаши.
Посебен акцент тој стави на младите и на потребата да се создадат услови тие да не го гледаат заминувањето од земјата како единствена шанса за подобар живот. Гаши побара и поинаков однос кон дијаспората, како и поголема заштита и афирмација на традиционалното семејство.
– Не можеме да изградиме силна држава ако секоја година губиме дел од младата генерација. Но, демографската политика не треба да се гледа само преку наталитетот. Таа треба да биде поврзана со квалитетот на животот, со вработувањето, со квалитетното образование и здравство, со правдата, но и со животната средина и можностите за домување. Младите треба да веруваат дека и овде можат да изградат добар живот. Ако сакаме младите да останат овде, постојано треба да создаваме причини и можности за нив. Ова е патриотизмот што се очекува од нас – порача Гаши.
Тој оцени дека е потребно отворено да се разговара за тоа каде државата успеала, каде можело да се постигне повеќе и на кој начин Републиката може дополнително да се унапредува.
– Без оглед како ќе го именуваме тој процес, задачата на нашата генерација останува да ја одржува жива дебатата за тоа како можеме да ја направиме оваа држава пофункционална, како можеме да ја зајакнеме симетријата на државата во однос на општествената различност, како можеме да ја направиме нашата држава така што секој граѓанин ќе ја чувствува на ист начин и еднакво ќе се ангажира за нејзиниот успех – изјави Гаши.
На крајот, Гаши изрази уверување дека токму ова треба да биде суштината на одбележувањето на 35-годишнината од независноста и повика иднината да се гради со повеќе одговорност, доверба и работа.
– Среќен 8 Септември и честита 35-та годишнина на Републиката – порача Гаши.
