Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се сретна со катарскиот министер за труд Али бин Самик ал Мари. Двајцата разговараа за можностите за унапредување на односите меѓу Македонија и Катар во повеќе области, вклучувајќи ги економијата, енергетиката, туризмот и образованието.
Гаши нагласи дека средбата се одржува во годината кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави. Тој изрази уверување дека јубилејот ќе биде дополнителен поттик за интензивирање на меѓусебната соработка.
Претседателот на Собранието се осврна и на парламентарната дипломатија и нејзината значајна улога во градењето на дипломатските односи во светот. Според него, таа претставува суштински елемент во создавањето мостови меѓу државите и народите, особено во период на глобални предизвици.
Министерот Ал Мари изрази благодарност за гостопримството што му било укажано од македонската страна. Тој нагласи дека неговото присуство претставува потврда за добрите односи што ги негуваат двете држави.
Ал Мари посочи дека потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на трудот меѓу Македонија и Катар ќе означи почеток на меѓусебната соработка и во повеќе други области.
Гаши го информираше катарскиот министер и за текот на изградбата на Коридорите 8 и 10. Притоа, тој нагласи дека патната поврзаност и местоположбата ја прават Македонија привлечна дестинација за странски инвестиции.
Соговорниците разговараа и за можностите за олеснување на визната политика, како и за обновување на авионската поврзаност меѓу двете држави. Беше оценето дека директното воздушно поврзување е клучно за интензивирање на соработката на сите полиња.
