Сè додека голем дел од светската популација е невакцинирана, вирусот може да мутира, продолжувајќи ја пандемијата, изјави вчера во Женева првиот човек на „ГАВИ“, Сет Беркли.
-Ќе можеме да спречиме појава на варијанти само ако ги заштитиме сите во светот, не само богатите, додаде тој.
Омикрон првпат беше откриен овој месец во Јужна Африка, каде стапката на целосно вакцинирани возрасни е помала од 36 проценти.
Како споредба, во Европската унија стапката на целосно вакцинирани е 77 отсто од возрасната популација.
„ГАВИ“, партнерство на јавни и приватни донатори, се обидува да ги заштити луѓето во посиромашните земји од болести кои можат да се спречат. Оваа асоцијација, исто така, ја води меѓународната иницијатива „Ковакс“ за дистрибуција на вакцините против Ковид-19 во посиромашните земји.
„Ковакс“ се надеваше дека годинава низ светот ќе испорача две милијарди дози вакцини, но досега реализира само околу четвртина од поставената цел.
СЗО новиот омикрон сој го класифицираше како „загрижувачка варијанта на вирусот“.