По последниот земјотрес синоќа, професорот на Институтот за географија, д-р Ивица Милевски, апелира дека нема причина за загриженост. Тој нагласува дека сеизмичките случувања се дел од долготрајни геолошки процеси и дека земјата постојано се менува, но тоа е природен феномен.

„Ништо страшно, немирната Шар Планина уште се извишува, макар можеби само за десетина милиметри одеднаш, што и не е малку. Нека си тера таа како што тера со милиони години, малку по малку, а ние може да си одмориме“, напиша Милевски.

Неговиот коментар се однесува на вчерашниот земјотрес со јачина од 4,6 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во Косово, кој беше почувствуван и во делови од Македонија, вклучително и во Скопје и во Тетово.

Два дена претходно уште еден земјотрес беше регистриран во истото подрачје.