Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер претстави делови од нацрт законот со кој би требало да се олесни стекнувањето на германско државјанство и според кој државјанство, наместо сегашните осум, ќе може да се бара веќе по пет односни три години легален престој.

-Наместо сегашните осум години државјанство ќе може да се стекне веќе по пет години легален престој, а во случај на многу успешна интеграција веќе и по три години, кажа министерката Фесер за неколку германски медиуми.

Под многу успешна интеграција Фесер подразбира брзо учење на германскиот јазик и добра вклопеност во работниот или образовниот систем на земјата. „Нацрт законот е готов, и испратен е до надлежните министерства на проверка“, соопшти министерството за внатрешни работи.

Во истото соопштение се наведува дека деталите од законот веќе се договорени меѓу партиите на владејачката коалиција. Социјалдемократско-зелено-либералната влада во својот коалициски договор предвиде реформа на законот за стекнување државјанство. Според тој нацрт децата родени во Германија автоматски би стекнале право на државјанство ако еден од родителите најмалку пет години легално престојува во Германија.

Кај лицата постари од 67 години во иднина како услов за стекнување државјанство ќе бидат снижени јазични критериуми и ќе биде доволно поднесувачот на барањето да може „усно да се разбере“.

„Со олеснетата постапка за стекнување државјанство сакаме да им излеземе во пресрет на генерацијата гастарбајтери кои додадоа значаен придонес во развојот на оваа земја“, кажа германската министерка.

Таа најави дека би требало да биде овозможено и полесно стекнување двојно државјанство, кое во моментов во Германија, со некои исклучоци, е забрането. „За интеграцијата е многу поважно познавањето на јазикот, образованието и признавањето на демократскиот поредок отколку прашањето дали има поднесувачот на барањето уште некое друго странско државјанство“, кажа Фесер.

Неможноста за задржување на старото државјанство при примањето на германското се смета за најголемата пречка за засилено внесување на странците, кои веќе подолго време живеат во Германија, во регистарот на германски државјани. Државјаните на Европската Унија смеат да го задржат своето старо државјанство и по стекнувањето германски пасош.