Албанскиот премиер Еди Рама имал инцидент на аеродромот во Франкфурт во декември, кога упорно одбивал да стави заштитна маска, тогаш задолжителна поради четвртиот бран на пандемијата на ковид-19 во Германија, објави весникот „Шпигел“.

Според информациите на весникот, Рама бил толку упорен во одбивањето да стави маска, што стјуардесите на летот на „Луфтханза“ го повикале капетанот, но и тој не успеал да го убеди албанскиот премиер да ги почитува прописите како и сите други патници. На крајот била повикана полицијата, која го симнала од авионот, со кој Рама требало да патува за САД.

Според „Шпигел“, претставник на германското Министерство за надворешни работи итно бил испратен на аеродромот, а по разговорот со него, Рама конечно се согласил да ја стави заштитната маска. Тој и неговата десетчлена делегација потоа биле префрлени на друг лет на „Луфтханза“ кон САД. Албанскиот премиер не бил казнет за инцидентот, пишува германскиот весник.