Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, ќе оствари официјална посета на Македонија утре, на покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Разговорите меѓу двајцата министри ќе се сосредоточат на пристапниот процес на државата во ЕУ, меѓудругото и на претстојните уставни измени, како наша преземена обврска за продолжување на процесот на преговори со Унијата. Како теми на разговорите ќе се најдат и билатералните односи меѓу двете земји со акцент на богатата економска соработка, нашето претседавање со ОБСЕ и соработката во рамките на НАТО алијансата во светло на разнишаната европска безбедносна архитектура.
Во рамки на својата прва посета на земјава, министерката Бербок, покрај средбата со нејзиниот хомолог, министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе биде примена од претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата Димитар Ковачевски и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, а ќе оствари средби и со парламентарната Комисија за надворешна политика, како и со претставници на опозициските партии.
Посетата на германската министерка Баербок се толкува како јасен сигнал на Сојузна Република Германија за интересот на германската надворешна политика во насока на целокупна поддршка на нашата земја и нашиот евроинтегративен процес, особено во годината во која прославуваме значаен јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со пријателска Германија.