Германскиот претприемач Кристоф од Франкфурт, кој 18 години летува на хрватскиот остров Брач и таму поседува куќа, објави отворено писмо на германскиот портал „Кроација вести“ во кое остро ја критикува прекумерната комерцијализација и растот на цените во хрватскиот туризам. Во објавата насловена „Не е дека немаме пари – имаме, но повеќе не сакаме да плаќаме за вашите илузии“, тој предупредува дека краткорочната трка по профит ги уништува автентичноста и долгорочните односи со гостите.
Кристоф, кој Брач го смета за свој втор дом и сметал дека е целосно интегриран во локалната заедница, ги спореди цените во ова хрватско летувалиште со оние во неговиот роден град, оценувајќи го како апсурдно тоа што едноставни ќебапчиња или плескавица чинат од 20 до 25 евра, додека бифтекот достигнува 35 евра.
„Кога едноставен оброк на Брач чини колку и оброк во центарот на Франкфурт, тогаш како претприемач ми е тешко тоа економски да го објаснам“, пишува тој, додавајќи дека фокусот повеќе не е на фер услуга, туку на тоа колку повеќе може да му се наплати на гостинот.
„Понекогаш имате чувство дека прашањето е: Колку повеќе може да плати гостинот? Колку можам да ја зголемам цената пред да кажат: ‘Доста е!’… Проблемот не е во тоа што не можеме да си го дозволиме тоа. Би можеле. Но, сè помалку сме подготвени да го платиме бидејќи повеќе не чувствуваме дека цената го одразува она што го добиваме“, посочува Кристоф.
Тој укажува дека оваа постојана комерцијализација е очигледна дури и во најмалите детали од просторот, како што е воведувањето наплата за користење на јавните тушеви на плажите.
„Со години во нашиот јавен дел од заливот постоеше едноставен туш што го постави општината. Ќе излезевте од морето, ќе ја исплакневте солта и ќе си заминевте дома. Никој не размислуваше за тоа. Сега има автомат за туширање. Се разбира, никој нема да осиромаши ако плати едно евро за туширање. Воопшто не станува збор за еврото. Станува збор за тоа дали сè мора да биде предмет на наплата“, истакнува германскиот претприемач.
Покрај финансискиот притисок, тој пишува дека лично најмногу страда поради административното дистанцирање и губењето на врската со локалната заедница, по речиси две децении вложувања и учество во локалниот живот.
„По толку години, повеќе не се чувствувавме како туристи. А денес сè повеќе се чувствуваме како да сме само гости – гости од кои се очекува да потрошат многу пари. Хрватска никогаш не била Азурниот брег за нас. И тоа го мислам како комплимент за Хрватска. Не баравме Сен Тропе. Баравме Брач… Ќебапчињата не стануваат луксузно јадење само затоа што чинат 25 евра. Конобата не станува луксузен ресторан само затоа што вечерата чини 100 евра по лице“, порачува тој во апелот до хрватските домаќини.
