Поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев за скандалот со дипломатот Миле Миленковски кој беше уапсен во Србија и за кој имаше распишана потерница од Ерменија преку Интерпол, вели дека тоа е голем срам за македонската дипломатија и тука министерството за надворешни работи има објективна одговорност.
-Тоа е голем срам за македонската дипломатија затоа што таков човек да се бара со потерница на Интерпол, тоа е недостоен чин на македонската дипломатија во целост. Министерот за надворешни работи морало да биде информиран за тоа. Според мене сите кои биле вклучени во овој скандал треба да сносат одговорност, па дури и министерот Османи требало да знае за случајот, изјави Ѓорчев за „Анализа“ на ТВ 24.
Според него одговорноста е на тие кои праќаат такво лице на дипломатска должност во ОБСЕ.
– Информациите се кријат затоа што ова е голем скандал. Одговорноста секако ќе биде врз органите кои требало да си ја завршат работата и ова е скандал кој ја потресе владата и МНР, рече Ѓорчев.
Тој нагласи дека новите безбедносни сертификати мора да обезбедат во иднина на поинаков начин да функционира МНР особено кога се праќаат дипломати на одговорни задачи во тела кои се важни за Македонија.