Завршена е реконструкцијата на повеќенаменското и на кошаркарското игралиште во ООУ „Партенија Зографски“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја пресече лентата и со тоа ги стави во функција обновените објекти, кои за учениците од овој дел на општина Кисела Вода значат подобри и посовремени услови за спортување и рекреација. Кошаркарското игралиште доби нова асфалтна подлога, како и нова ограда околу него. На повеќенаменското игралиште, кое се протега на површина од 935 м2, е поставена висококвалитетна вештачка трева, извршена е замена на оштетените заштитни мрежи зад головите, а обновени се и клупите на трибините, кои беа видно оштетени.
„Денес, ги ставаме во функција повеќенаменското и кошаркарското игралиште во ООУ ‘Партенија Зографски’, на чија реконструкција интензивно се работеше во изминатиот период. Се работи за темелна обнова, која вклучи промена на подлогите и нивна замена со асфалт кај кошаркарското и квалитетна вештачка трева кај повеќенаменското игралиште. Двете добија нова ограда, извршена е замена и на заштитните мрежи зад головите, како и на клупите на трибините. Проектот што денес им го ставаме на располагање на нашите ученици има особено значење, бидејќи се фокусира на развојот на нивите физички и спортски можности, истовремено нудејќи им забава и рекреација. Обновата на спортската инфраструктура во училиштата, што е еден од највисоките приоритети на Општина Кисела Вода, претставува инвестиција во здрави и активни генерации, кои се темелот на нашата иднина. Оттука, ова е само еден од повеќето проекти од ваков карактер на кои интензивно работиме целиот изминат период и кои со голема динамика ќе продолжиме да ги реализираме во иднина. Ќе го споменам ООУ ‘Круме Кепески’, каде што неодамна изградивме фудбалско и детско игралиште, новиот спортско-рекреативен центар на местото од депонијата кај Оксиген, изградбата на модерен спортски центар на местото од поранешното спортско игралиште ‘Славија’ и на Теферич, кои за многу кусо време ќе ги отвориме, а секако тука се и новото фудбалско и кошаркарско игралиште и детското катче со модерни реквизити во Потстаница, како и реконструкцијата на детското катче со нови реквизити и новоизграден терен за мал фудбал и за кошарка во населбата Драчево. И на крајот, би сакал да упатам голема благодарност до компанијата ‘Елена Лука’, која покажувајќи висок степен на општествена одговорност, ни помогна во реализацијата на овој проект, кој овозможува развој и поддршка на младите луѓе“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Инаку, во ООУ „Партенија Зографски“, каде што настава следат 525 ученици, во текот на летниот период беа реновирани и три училници, кои претходно беа во исклучително лоша состојба.