Освен 37 дејности кои можат да работат во недела, во законот нема дадено и автентично толкување за фирмите кои имаат карактер на придружни или помошни дејности, кои можат да работат во недела.
– Во приватниот сектор ние немаме евиденција за работно време и затоа сметам дека ова сега што се продава од страна на Сојузот на синдикати, како социјален партнер, е само продавање магла. Значи, недела не е неработен ден, туку ќе биде работен ден и тоа за многу дејности, дополнително е и што нема автентично толкување, кои се тие помошни, придружни дејности. Можат да произлезат уште 100 од нив и фактички ќе биде легално прекршување на работничките права во име на профитот, вели Ампева.
Забележува дека како „Гласен текстилец“ се труделе недела да биде навистина неработен ден и овој Закон не го гледа како подобрување на работничките права, туку спротивното. Очекува злоупотреби од страна на одредени работодавци, каков што и беше примерот со злопоупотребата на субвенциите за плати во првите сет-мерки, а истите фирми си продолжуваат и во петтиот и остануваат неказнети.
Решение за компаниите навистина да го почитуваат недела неработен ден е конечно да се поврзат електронски за евиденција на работното време со УЈП, дотогаш, според Ампева, ова е класична манипулација. Порача дека „Гласен текстилец“ заедно со други здруженија и синдикати ќе го оспори Законот на Уставен суд.