Христијан Мицкоски пред Генералното собрание на ОН предупреди дека светот влегува во период на забрзани промени, со поместување на центрите на моќ, промени во технологијата, економските односи, безбедносните доктрини и сојузите. Тој порача дека во таков период најголем ризик за малите држави е правилата да се заменат со односот на силите.
Мицкоски рече дека постои искушение да се прогласи дека старите принципи веќе не се практични и дека правото мора да се приспособи на моќта. Но, според него, токму во време на промени правилата се најпотребни, бидејќи нивното напуштање би создало свет во кој секоја следна одлука ќе зависи од тоа кој е посилен во дадениот момент.
„Зашто ако во време на промени се откажеме од правилата што нѐ штителе во време на стабилност, нема да добиеме поголема слобода. Ќе наследиме свет во кој секоја следна одлука ќе зависи од тоа кој има повеќе моќ во дадениот момент.“
Тој нагласи дека големите сили можат да си дозволат стратешки пресврти, но малите држави плаќаат многу повисока цена за погрешните проценки.
„За голема сила, погрешна геополитичка проценка може да значи промена на стратегијата. За мала земја, истата грешка може да значи изгубена деценија.“
Затоа, според Мицкоски, лидерите не треба да им ветуваат на граѓаните свет без неправда, разочарувања и спротивставени интереси, бидејќи таков свет не постои. Нивната вистинска задача е да ја зачуваат вербата во правилата и да ја бранат соработката и тогаш кога судирот може да изгледа попопуларен.
„Да ја зачуваме вербата во правилата дури и кога е јасно дека тие се прекршуваат. Да ја браниме соработката дури и кога судирот изгледа попопуларен.“
Мицкоски во тој контекст јасно ја потврди и стратешката ориентација на Македонија кон НАТО, САД и ЕУ. Тој порача дека земјата е сојузник во НАТО, дека САД се нејзин стратешки партнер, а полноправното членство во ЕУ останува стратешка определба.
„Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба.“
Според него, овие определби треба да се гледаат како една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија.
„Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија.“
Во време на неизвесност, додаде тој, државата не треба да биде стратешки двосмислена.
„Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност.“
Сепак, Мицкоски нагласи дека јасноста во сојузите не значи изолација. Тој се заложи за соработка и со држави со поинаква историја, интереси и политички погледи, како и за меѓународна конкуренција со јасни граници и правила.
„На светот не му е потребна уште една поделба на трајни табори. Потребна му е конкуренција со граници и со правила што сите мора да ги почитуваат. Сојузи што преземаат одговорност. И меѓународни институции што остануваат простор за дијалог токму тогаш кога дијалогот е најтежок.“