Проблемите со јавниот превоз во Скопје остануваат нерешени, а граѓаните, за жал, ќе мора да почекаат до локалните избори за да видат потенцијални подобрувања. Оваа реалност ја потврдија министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, коментирајќи го актуелниот хаос во градскиот превоз.
Николовски: недозволиво е градоначалниците да не можат да бидат отповикани
Министерот за транспорт, Александар Николовски, одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со јавниот превоз, посочи на системскиот проблем со одговорноста на градоначалниците.
„Мој личен став е дека е недозволиво градоначалниците да бидат единствената функција во државата која не може да биде отповикана. Оваа ситуација е резултат на такви законски измени,“ изјави Николовски, дополнувајќи дека секој носи свој дел од одговорноста.
Ѓорѓиевски: ќе се чекаат локалните избори за решение
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, изрази жалење што скопјани ќе треба да го издржат тековниот „тежок период“ до следните локални избори.
„За жал, проблемот со јавниот превоз во Скопје е резултат на несериозноста на градските власти да преземат конкретни мерки. Наместо решение, постојано се бараат изговори и се обвинуваат други. Согласно постоечките законски нормативи, ќе мора да почекаме до локалните избори. Верувам дека потоа состојбата ќе се среди за кратко време,“ изјави Ѓорѓиевски.
Граѓаните се соочуваат со секојдневни потешкотии
Јавниот превоз во Скопје веќе долго време е предмет на критики од граѓаните, кои се соочуваат со нерегуларни линии, доцнења, и неисполнување на основните услуги. Оваа состојба, според Ѓорѓиевски, претставува „голгота“ за скопјани, кои немаат друг избор освен да чекаат.
Состојбата дополнително ја отежнува недостатокот на координација и иницијатива од страна на Град Скопје. Решението останува условено од политичките промени и новите локални избори, кои се очекуваат за неколку месеци.