Ученичка од шесто одделение била брутално нападната од три повозрасни девојчиња во скопската населба „Ѓорче Петров“. Според информациите, девојчето било насилно однесено во парк, каде било физички нападнато, горено со цигари, понижувано и принудено да јаде кучешки измет. Дел од настанот бил снимен со мобилен телефон, а како последица на тортурата, жртвата добива стручна помош.
Причината за нападот, според првичните информации, била расправија на социјалната мрежа „Инстаграм“.
Случајот е во фаза на истрага, која се води во координација на Министерството за внатрешни работи со Обвинителството. Досега се повикани на разговор 14 лица, меѓу кои има и родители на ученичките вклучени во случајот.
– Четиринаесет лица се повикани на разговор, а за некои од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Во овој случај е вклучено и Јавното обвинителство и се постапува според насоките на надлежниот обвинител-рече Тошковски.
Потребен е системски пристап и решенија, вели министерот за внатрешни работи, кој ги повика надлежните институции да се вклучат во спречување на ваков вид криминал.
–Не само Министерството за внатрешни работи, кое делува и превентивно и репресивно, туку треба да се вклучат сите надлежни институции во овој проблем. Потребен е мултиинституционален и системски пристап. Подеднакво важна е и улогата на родителите – нивната улога во воспитувањето, нивното однесување и вклученоста во образовниот процес на децата-рече Тошковски.
Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека жали што се соочуваме со вакви случаи. Таа посочи дека Министерството континуирано подготвува упатства и прирачници за справување со врсничко насилство, но додаде дека без соработка со родителите резултатите ќе бидат ограничени.
Канцеларијата на Народниот правобранител предупредува дека насилството меѓу врсници е пораспространето во основните училишта и дека бројот на пријави расте. Сепак, како што наведуваат, реалната состојба е многу посериозна, особено затоа што дигиталното насилство ретко се пријавува.
