Да се биде прв човек на градот е чест, но уште поголема одговорност. Одговорност пред граѓаните. Пред мојот народ. Пред секој човек кој ја дал својата доверба со надеж дека конечно ќе види работа, ред и резултати, посочува градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

-Јас не сум дојден овде за да живеам на грбот на граѓаните. Дојден сум граѓаните да го почувствуваат бенефитот од нашето работење, она што со години, со децении недостасуваше. Затоа работиме домаќински, чесно и одговорно. Возам сопствено возило. Горивото го плаќам од мојата плата. Репрезентацијата ја пренаменивме за капитални проекти. Службените патувања си ги покривам сам, вели градоначалникот.

Порачува дека секој денар од буџетот мора да се врати назад кај граѓаните во нови улици, булевари, мостови, чист град, подобри услуги и проекти кои го менуваат Скопје.

-За само шест месеци, градот кој беше оставен во огромна дупка го исправивме на нозе. Го вративме редот, ја вративме работата и ја вративме надежта дека Скопје може поинаку. Пред нас се капитални проекти кои ќе значат вистинска преродба за нашиот град. И нема да застанеме. Напротив, продолжуваме со уште посилно темпо, со уште повеќе работа и со уште поголема одговорност.
Не сме сите исти. Нас нѐ прават различни чесноста, транспарентноста и домаќинското работење од нашите претходници. Скопје заслужува градска власт која не троши за себе, туку работи за народот. И токму така ќе продолжиме, рече Ѓорѓиевски.