Решен долгогодишен инфраструктурен проблем меѓу Аеродром и Гази Баба
Мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, конечно ќе биде ставен во функција, информира градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека со години објектот бил симбол на застој и нерешени проблеми, но дека сега се прави конкретен чекор кон негово активирање.
„Она што со години беше симбол на застој, неодговорност и нерешени проблеми, конечно добива решение. Мостот што народот со право го нарекуваше „мост кој не води никаде“ или „мост за ловење риба“, повеќе нема да биде потсетник на нечија неработа, туку ќе стане вистинска сообраќајна врска во служба на граѓаните.“
Завршени експропријации и следни чекори
Од градот информираат дека се завршени експропријациите, кои биле главна пречка за пуштање на мостот во употреба.
Според најавите, по подготвителните активности и завршување на административните постапки, во рок од околу 60 дена се очекува воспоставување на целосен сообраќаен проток.
„По неколку години хаос, одолговлекување и немање волја да се олесни секојдневието на скопјани, денес со гордост можам да кажам дека овој горлив проблем го решаваме. Завршени се експропријациите, кои беа најголемата пречка и со години го кочеа пуштањето на мостот во употреба.“
Благодарност и пораки за поддршка
Градоначалникот им се заблагодари на жителите кои живеат на трасата, како и на општинските претставници, нагласувајќи дека бил постигнат договор со разбирање и соработка.
„Тука, искрено и од срце, сакам да им се заблагодарам на овие домаќини, културни и чесни луѓе, со кои пуштивме рака за овој проблем да стане решение. Благодарам за домаќинскиот пристап, за разбирањето и за кафето што го испивме заедно.“
„Да се заблагодарам на моите колеги Бобан Стефковски и Дејан Митески за посветеноста и поддршката.“
Тој додаде дека проектот претставува пример за побрзо решавање на инфраструктурни проблеми, со порака дека ветувањата треба да се исполнуваат со работа и резултати.
