Љубљана ќе биде град-партнер за развојот на Скопје. Остваривме извонредна и пријателска средба со долгогодишниот градоначалник на Љубљана, господинот Зоран Јанковиќ, истакна Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје.

„Средбата помина во пријателска атмосфера, при што разменивме значајни искуства и визии за идната соработка помеѓу Скопје и Љубљана. Добив драгоцени совети и поддршка од градоначалникот Јанковиќ, со јасна определба Љубљана да биде град-партнер и вистински пример за развојот и модернизацијата на Скопје. Посебен акцент ставивме на најголемите предизвици со кои се соочува нашиот град – јавниот превоз и чистотата. Градоначалникот Јанковиќ ни даде ветување дека експертски тимови од Љубљана ќе бидат континуирана поддршка за Скопје, но не само во овие сфери, туку и во секоја област во која ќе побараме помош“, истакна тој.

Ѓорѓиевски посочи дека е договорена интензивна соработка и зајакнување на капацитетите на градот Скопје во насока на креирање, планирање и спроведување европски проекти.

„Верувам дека преку ова партнерство ќе изградиме поефикасен и поевропски град Скопје, достоен за своите граѓани. Со задоволство го потврдивме статусот на побратимени градови и во таа насока упатив срдечна покана до господинот Јанковиќ за негова официјална посета на Скопје, град кој сака да учи од најдобрите“, истакна Ѓорѓиевски.