Колумната на Костовски ја пренесуваме во целост:

Ја цитирам изјавата на актуелниот Претседател на Владата на Република Македонија и актуелен Претседател на СДСМ, дадена по повод (не) поддршката на актуелниот градоначалник на Куманово, господинот Максим Димитриевски и неговото исклучување од партијата.

Пишува: Трифун КОСТОВСКИ

Цитирам: Кога ќе тргнете против СДСМ, а јас не видов дека Господинот Димитриевски тргнал против СДСМ, кога ќе се спротивставите на СДСМ, читајте ќе се спротивставувате лично на мене Зоран Заев, не можете да бидете член на СДСМ. Каков парадокс, дали го живееме времето на Луи 14, еден од најпознатите Француски кралеви кој умееше за себе да каже „државата тоа сум јас“.

Почитувани читатели, живееме во демократско општество, преточено преку партиите кои се борат за власт.

Говориме за демократија, дали преку ваквиот каприциозен однос на Господинот Заев кон актуелниот градоначалник на Општина Куманово е навистина во ред? Дали внатрепартиските односи се најбитни за нас граѓаните коишто не повикуваат да излеземе да гласаме на претстојните локални избори? За кого да гласаме? За послушниците на лидерите? По сите информации кои ги имам добиено Господинот Димитриевски прекрасно си ја извршува својата градоначалничка функција. Добронамерен, посветен, секојпат спремен да излезе во пресрет на своите сограѓани. Убеден сум дека Господинот Димитриевски ја има поддршката од жителите на Општина Куманово. Што тука не е во ред? Прашање за Господинот Заев, дали ќе дозволите ние граѓаните самите да си ги избираме нашите градоначалници? Или пак треба да избираме градоначалници што вие мислите дека треба да ги избереме. НЕ, тоа не смееме да го дозволиме. Вашата партија ја паметам од времето кога имаше и внатре-партиска демократија, имаше спротивставени размислувања, ама секојпат била водилката да ја дадат поддршката на човекот којшто најдобро може да си ја заврши својата задача, било на локално или на централно ниво. За интелектуалниот капацитет на некогашната СДСМ во раните 90-ти години и денешната СДСМ, не сакам да ставам ниту равенство. СДСМ беше партија за граѓаните, а денес вие си ја присвоивте, само не ми е јасно дали си ја купивте или во процесот на транзицијата ја добивте за џабе. Вие сте сешто, знаете бизнис, знаете локална самоуправа, знаете што значи централна власт, знаете што значи здравство, образование, знаете што значи владеење на институции. Простете господине Заев, вие ништо не знаете, Вие не поседувате ништо од претходно наведеното. Вие сте залутан човек во реалниот живот и потребите на Република Македонија.

Господине Димитриевски продолжете во вашата борба, убеден сум дека во себе го имате она свое исконско, Кумановско, да никој пат не се предавате и издржете, а вие господине Заев час поскоро да си заминете.