Градот Скопје потпиша договор со странска компанија да спроведе студија за олеснување на јавниот превоз. Ваквата студија, како што соопштија градските власти, е потребна зашто актуелните автобуски линии се организирани според студија која датира од пред 40 години – од 1981.

Студијата треба да биде готова за 12 месеци, односно до јуни 2022. Таа треба да понуди нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред кој ќе ги задоволи потребите за движењето на граѓаните во работните денови, во пикот на сообраќајот во текот на денот, за време на викендите, празниците.

Придобивките, велат градските власти, граѓаните ќе ги почувствуваат за две години.

-Од оваа студија очекувам да понуди нови решенија за системот на јавниот превоз кои ќе ја зголемат неговата популарност што недвосмислено води до пораст на бројот на патници кои го користат јавниот превоз, правејќи го индивидуалниот автомобилски превоз помалку атрактивен, а градскиот – одржлив, нагласи Шилегов.

Студијата ќе ја изработува конзорциум од две меѓународни компании – израелската „РОМ транспортејшн“ и англиската ГСТЦ ЛТД. Нивната понуда е избрана од вкупно 17 кои пристигнале, а чини 322.530 евра обезбедени преку грант во рамки на проект од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

На потпишувањето присуствуваше генералниот менаџер на „РОМ транспортејшн“, Моше Хирш, кој рече дека нивната компанија во последниве 15-ина години реализирала повеќе од 80 проекти низ светот.

 

Posted by MИА.mk on Tuesday, June 1, 2021