Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска истакна дека заради безбедноста на децата, како и заради целокупната безбедност во државите и во светот, неопходно е да се фокусираат напори на градењето отпорни општества.

На отворањето на 17-тата меѓународна конференција „Безбедност 2030: Ера на паметни технологии, отпорни општества – ризици и предизвици“, во организација на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Јаневска нагласи дека технологијата треба да ги засилува нашите капацитети, но без да ја заменува одговорноста.

„Како што чекориме кон иднината, границата помеѓу физичкиот и дигиталниот свет, речиси целосно исчезнува. Вештачката интелигенција и паметните мрежи стануваат ткиво на нашите градови, економии, образование, здравство и инфраструктура. Оваа трансформација носи огромни можности, но и поголеми предизвици – проширени сајбер закани, дезинформации и заштита на приватност“ , рече Јаневска.

Јаневска додаде дека токму ризиците бараат вкрстување на ингеренциите на Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи и високообразовните и научните установи за безбедност и информатика.

Таа посочи дека Министерството за образование и наука може да ги заштити децата од ризиците од паметните технологии само преку координиран пристап со МВР, Министерството за дигитална трансформација и со академската заедница.

„На поддршката која ја добиваме при едукацијата и заштита на младите, но и на наставниците, возвраќаме со поддршка во јакнење на системот за создавање безбедносни кадри. Го возобновивме средното полициското училиште, ја поттикнуваме модернизација на студиските програми на факултетите за безбедност и информатика, а вложуваме и во науката во овие сфери, преку финансирање на научно – истражувачки проекти од национален интерес“,  додаде министерката.

На конференцијата учествуваа претставници на експертската, академската и научната фела од земјата и странство, а воведни обраќања имаа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Јонче Ивановски.