Парични казни за четири компании во Општина Центар

Четири градилишта на територијата на Општина Центар се санкционирани поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставувал ризик за безбедноста на пешаците и за нормалното одвивање на сообраќајот, информираа од Општината.

Во рамки на редовните инспекциски надзори, општинските инспектори составиле записници и изрекле прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, соопштуваат од локалната самоуправа.

Санкции од 1.300 до 1.800 евра

Паричните казни за констатираните прекршоци се движат од 1.300 до 1.800 евра, согласно важечките прописи. Со ова, како што посочуваат од Општината, се испраќа јасна порака дека непочитувањето на законите нема да се толерира.

Надзорите продолжуваат со засилен интензитет

Градоначалникот Горан Герасимовски изјави дека контролите ќе продолжат со несмален интензитет. „Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Од Општината додаваат дека инспекциските контроли ќе продолжат како континуирана мерка за обезбедување чист и функционален урбан простор.