Таа рече дека ДКСК ги следи сите дојави за точење гориво од општински пари во изборни цели, ги евидентира, нотира, и согласно надлежностите на Комисијата, ќе се оцени дали има потреба од отворање на предмет, постапување и соодветно санкционирање.
– Сите дојави кои ќе пристигнуваат до нас во текот на овој изборен процес, понатаму ќе претставуваат иницијатива да креираме нови механизми за следење на сите средства, не само со кои располагаат општините, туку и другите институции, да ги направиме транспарентни во делот на трошењето на буџетски пари во предизборниот и изборниот процес, истакна Николовска.
Од ДКСК сметаат дека донекаде успеале да го решат проблемот со користење на службени возила за партиски активности, останува уште да се најде начин да се спречи користењето на горивото платено со општински пари а користено за приватни возила.
Николовска, меѓу другото, на јавната дебата „Локални избори 2021 – Интегритет на изборниот процес и интегритет на учесниците“ во организација Државната комисија за спречување на корупцијата, посочи дека сме сведоци оти кај нас секоја година се одржуваат некакви избори, така што, партиите, како што рече, стануваат доминантни во секојдневниот живот на граѓаните и влијаат врз креирање на мислењето или на нивното однесување.
– Ако политичките партии се креатори на начинот на живеење и однесување во една држава преку законите кои ги креираат и ги носат, и како и сите други треба да ги почитуваат и применуваат, зошто пред секои избори се изнаоѓаат начини, и сето она што не е со закон забрането, станува редовна пракса за промовирање на некои проекти, партиски активности и пред официјално да започне изборната кампања. Партиите за да добијат што поголем број гласови, често пати даваат ветувања кои не се реални или се тешко изводливи. Уште повеќе што во програмите остануваат како жив доказ за нивното лошо планирање, односно за активности кои не се реализирани, вели Николовска.
Таа се осврна и на кандидирањето на лица кои во средината се познати како лица со сомнителни бизнис релации, потоа некој кој не е доволно ценет во својата средина, тогаш во кампањата наместо да се зборува за што се планира да се направи во иднина, се фокусира на создавање црна слика за личноста, а и со тоа на партијата.
Николовска забележа дека денес се користат новите технологии за кампањи, како што се социјалните мрежи, портали. Но, како што рече, најчесто се користат да се креира црна слика за некоја личност, односно за членови на ривалските партии.