Турскиот суд денеска го осуди градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу на повеќе од две години затвор и му забрани политичко дејствување поради навреда на јавни службеници.

Одбраната на Имамоглу ќе поднесе жалба на пресудата, донесена на само шест месеци пред претседателските и парламентарните избори.

Имамоглу беше потенцијално силен ривал на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во трката за шеф на државата. Опозицијата се уште не избрала претседателски кандидат.

Имамоглу, член на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), беше осуден за говор по локалните избори во 2019 година во Истанбул, во кој рече дека оние што ги поништиле резултатите биле „будали“.

Обвинението предвидуваше максимална затворска казна од четири години.

Имамоглу тесно го победи кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на Ердоган на изборите за градоначалник на Истанбул во март 2019 година.

Откако тие избори беа поништени, тој победи убедливо на повторените избори, со што заврши 25-годишното владеење на АКП и нејзините исламистички претходници во најголемиот турски град.

Се оценува дека исходот од изборите во 2023 година зависи од способноста на ЦХП и другите опозициски партии да се обединат околу еден кандидат за да се спротивстават на Ердоган и АКП, која владее со Турција две децении.

Затворската казна или политичката забрана мора да бидат потврдени од апелациските судови, што значи дека случајот може да заврши до изборите во јуни 2023 година.