Граѓаните чии домови и имот беа оштетени во силното невреме што го погоди Скопје ќе можат да ги пријават штетите пред комисии што ќе ги формираат скопските општини. Сите пријавени оштетувања ќе бидат стручно проценети во координација со Град Скопје. Потоа, согласно законските процедури и расположливите средства, ќе почне постапка за финансиска поддршка при санацијата на оштетените станбени објекти, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по координативниот состанок со градоначалниците од скопските општини.

Ѓорѓиевски изјави дека сите расположливи капацитети се ставени во функција и дека институциите заеднички ќе се справуваат со последиците од сериозната природна непогода. Тој посочи дека Град Скопје располага со солидарен фонд во кој има обезбедено средства за обештетување на граѓаните во вакви ситуации.

На состанокот било договорено општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да почнат засилени контроли на објектите со оштетени кровни конструкции. Целта е да се утврдат причините за оштетувањата, како и дали биле исполнети законските обврски за нивно одржување.

Ѓорѓиевски им се заблагодари на екипите на јавните претпријатија, Противпожарната бригада и на сите служби кои веднаш по невремето ги расчистиле главните сообраќајници и во текот на целата ноќ продолжиле со отстранување на паднатите дрвја, гранки и други пречки.

Тој потсети дека орканскиот ветер, со удари до 130 километри на час, предизвикал голема материјална штета низ главниот град. Биле урнати дрвја, а биле оштетени покриви, фасади, возила, електрични водови и урбана опрема.

„Работата продолжува сè додека не бидат санирани последиците и не се обезбеди целосна безбедност за граѓаните“, порача Ѓорѓиевски.