Гостиварчанецот Дарко Грујоски објави микробиолошки наод на социјалните мрежи и тврди дека кај него биле пронајдени јајца од цревниот паразит Ascaris lumbricoides. По објавувањето на резултатот, тој побара одговорност за загадувањето на водата во Гостивар.

Грујоски наведува дека паразитот се пренесува по фекално-орален пат, преку загадена вода, храна или нечисти раце. Според препораката што ја добил од лекар, треба да се испитаат и неговите најблиски членови од семејството поради можноста некој од нив да е заразен и паразитот повторно да се пренесе.

„Кај мене се пронајдени јајца од цревен паразит – Ascaris lumbricoides. По препорака од лекар, поради лесното пренесување, треба да се испитаат и најблиските членови на семејството, бидејќи ако има уште заразени, може повторно да се пренесува“, напиша Грујоски.

Тој посочува дека во изминатиот период поминал низ лекарски прегледи, анализи и лекување, а поради здравствената состојба изгубил и работни денови и бил изложен на дополнителен стрес.