Министерството за образование и наука објави официјален јавен повик за доделување грантови за основните и јавните средни училишта во земјава. Овие средства се наменети за активности што придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата во образовниот систем.

Активностите што ќе бидат финансиски поддржани преку овој грант може да се реализираат самостојно во училиштата во кои наставата се одвива на повеќе наставни јазици или во партнерство со друго училиште. Финансиските грантови се предвидени во износ до 60.000 денари, а изборот и рангирањето ќе го врши посебна Комисија за вреднување на пристигнатите апликации, целосно во согласност со однапред утврдените критериуми.

„Ги охрабруваме училиштата да аплицираат со проекти за заеднички активности меѓу учениците, кои реализираат настава на различни наставни јазици. Проектите треба да се во насока на промовирање на добрите практики за активности во кои се негуваат хармонични односи, кои се темелат на почитување на разликите. Притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество, со што се овозможува градење на современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училиштен амбиент“, соопшти МОН во објавениот повик.

Рокот за поднесување на пријавите трае до 1 декември 2026 година, а самото пријавување се врши исклучиво преку електронскиот систем за услуги на МОН преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk, во посебното мени наменето за меѓуетничка интеграција.

„За аплицирање на Јавниот повик кој е поставен на e-uslugi.mon.gov.mk, потребно е училиштата да се најават со официјалните кориснички сметки на @schools.mk кои се веќе регистрирани“, се наведува во јавниот повик, во кој се достапни и деталните насоки за аплицирање.