Грчката полиција утрово спроведе масовна акција на островот Крит, во која беа уапсени 20 лица под сомнение дека биле дел од организирана криминална група за измами со земјоделски фондови. Според надлежните органи во Атина, мрежата функционирала според однапред разработена шема за поднесување лажни изјави, со што директно биле оштетени фондовите на Европската Унија.

Незаконска корист од над три милиони евра

Од грчката полиција информираа дека нелегалната финансиска корист надминува 3.000.000 евра, а повеќе детали најавија по целосното завршување на акцијата.

„Нелегалната финансиска корист надминува 3.000.000 евра“, информираа од грчката полиција, посочувајќи дека со детални информации ќе излезат по завршувањето на акцијата.

Меѓу приведените има и службени лица

Меѓу приведените во четири различни области на островот се наоѓаат и службени лица, односно двајца сметководители и тројца одговорни во Центрите за поднесување пријави. Според досегашните информации, тие се сомничат дека имале улога во шемата преку која биле поднесувани лажни документи и изјави.

Мрежата била активна од 2019 година

Локалните медиуми, повикувајќи се на полициски извори, пренесуваат дека во целата мрежа, која била активна од 2019 година, се инволвирани околу 90 лица. Според истите информации, парите незаконски биле повлекувани од организацијата ОПЕКЕПЕ преку фиктивни договори за закуп на земјиште.