Грчките туристи значително придонесуваат за локалната економија и нови инвестиции во општина Гевгелија
Грчките туристи играат значајна улога во развојот на општина Гевгелија. Истакна градоначалникот Андон Сарамандов на денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“.
„Грчките државјани се секојдневно присутни во нашиот град во текот на целата година, но тие не се само гости. На некој начин тие се партнери на нашата локална економија. Најголем дел од малите стопанственици во Гевгелија зависат од приходите остварени од грчките државјани и од транзитните туристи. Ние сме добар пример каде добрата местоположба и добрососедските односи придонесуваат за финансиско зајакнување на една локална заедница како Гевгелија“, рече Сарамандов.
Сарамандов објасни дека како резултат на добрата соработка со грчката амбасада, во тек е отворање на трговски центар кој ќе овозможи 150 нови работни места, како и инвестиција за нов ритејл парк со 400 нови вработувања.
„Како локална самоуправа воспоставивме добра комуникација и со грчката амбасада. По препорака на амбасадата на Република Грција, во тек е реализација на трговски центар до граничниот премин, кој ќе овозможи 150 нови вработувања и ќе даде дополнителен инпут на локалната економија во Гевгелија. Во изминатите четири години, за да ги искористиме можностите од оваа местоположба, беа реализирани повеќе инфраструктурни проекти, изготвена беше туристичка платформа за градот, донесени беа нови урбанистички планови и како резултат на отвореноста кон приватниот сектор, имаме уште една инвестиција – модерен ритејл парк кој ќе овозможи 400 нови вработувања“, истакна Сарамандов.