Се очекува Грција во наредните денови да испрати официјално барање до САД за купување на 20 борбени авиони Ф-35 од американската компанија Локхид Мартин, соопштија денеска извори од Министерството за одбрана.

Грција, членка на НАТО, троши повеќе од 2 отсто од својот бруто домашен производ за одбрана. Во последниве години, таа ја интензивира набавката на воена опрема поради обновените тензии со својот сосед, историски ривал и сојузник во НАТО, Турција.

„Соодветниот документ е потпишан“, изјави еден од изворите. Испораката на авионите ќе започне во текот на 2027 или 2028 година.

Нарачката е потпишана, јавува грчката државна телевизија (ЕРТ), а се очекува да биде доставена до американската амбасада во Атина оваа недела. Ова е првиот чекор во повеќефазниот процес.

Грција и Турција со децении се во конфликт за низа прашања – од преминувањето на Егејското Море, обемот на нивните континентални појаси и поморските граници, до енергетските ресурси и етнички поделениот Кипар.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го спомена купувањето на авиони Ф-35 за време на мајската посета на САД.

Минатата година Атина нарача од Франција 24 авиони Dassault Rafale за 2,5 милијарди евра и три поморски фрегати со опција за четврта за околу 3 милијарди евра.

Државната телевизија објави дека и Министерството за одбрана сака да продолжи со набавка на борбени авиони Ф-16.

Соединетите Држави вчера, еден ден откако Анкара го укина своето вето за членството на Финска и Шведска во НАТО, ја поддржаа потенцијалната продажба на американски борбени авиони Ф-16 на Турција, велејќи дека силните одбранбени способности на Турција ќе ја зајакнат одбраната на Алијансата.