Податоците објавени оваа седмица, а кои сè уште не се рецензирани нагласуваат дека важноста на вакцинацијата против грипот оваа година е голема, а и двете студии покажале дека лошата сезона на грипот може да се избегне доколку стапката на вакцинација се зголеми за 20 до 50 отсто во однос на типичните години.

-Вакцинацијата на што повеќе луѓе против грип е клучна за избегнување на тоа сценарио, изјавил д-р Марк Робертс, директор на лабораторијата за динамика на јавното здравје во Питсбург и еден од авторите на студијата.

Минатата година имаше историски ниско ниво на активен грип, веројатно како последица на мерките за спречување на Ковид-19, како што се социјална дистанца, затворање на училиштата, носење на заштитни маски и намалувањето на патувањата.

Во текот на сезоната на грип 2020/2021 година, вкупната стапка на хоспитализација на грипот во САД била само околу 4 отсто на 100.000 луѓе во споредба со вообичаената стапка од 70 отсто хоспитализација на 100.000 луѓе. Смртта како последица на грипот опаднала за 95 отсто, изјавиле истражувачите.

Тоа значи дека американските жители „пропуштиле можност да го зајакнат имунитетот на грип за идната сезона“, што предизвикува загриженост дека грипот би можел да се врати кога ќе се укинат епидемиолошките мерки против коронавирусот.

Меѓутоа, студијата открила и дека предвидената зголемена хоспитализација како последица на грипот може да се избегне доколку процентот на вакцинирани Американци против грипот се зголеми во однос на изминатите години.