Голем дел од државата утрово осамна под снежна покривка. Врнежите од снег ќе продолжат и во текот на денешниот ден, а според официјалното предупредување од Управата за хидрометеоролошки работи, на одредени места се очекуваат пообилни количества. Поради ваквите временски услови, УХМР издаде жолт метеоаларм за снежни врнежи за целата територија.
Најголема снежна покривка утрово во 7 часот беше измерена во Крушево, каде што висината достигна 27 сантиметри. Во Тетово се евидентирани 10 сантиметри снег, во Берово и во Битола висината изнесува 5 сантиметри, во Крива Паланка се измерени 4 сантиметри, додека во Скопје снежната покривка изнесува 1 сантиметар.
Времето денеска ќе се задржи облачно со повремени локални врнежи, кои претежно ќе бидат од снег, додека во пониските места долж Повардарието се очекуваат врнежи од дожд и снег. Кон крајот на денот врнежите постепено ќе престанат. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе засилува.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец, додека максималната дневна температура ќе достигне до 2 степени.
Од утре и во текот на целата нова работна седмица следува период на стабилно, но исклучително студено време. Утринските температури во речиси сите делови од земјата ќе се спуштат под нулата, а на одредени мерни места утринските вредности ќе паднат дури до минус 18 степени. На одделни места ќе има појава на магла, проследена со слаб до умерен ветер од северен правец.

Паралелно со временските прилики, од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта информираат дека сообраќајот на државните патишта тековно се одвива непречено, при што коловозите се влажни.
Екипите на јавното претпријатие се целосно мобилизирани на терен со сите расположливи технички и човечки капацитети, работејќи во континуитет на навремено расчистување и обезбедување услови за безбедно одвивање на сообраќајот низ патната мрежа.
„Нашите екипи континуирано ја следат состојбата на патиштата и со максимална ангажираност се работи на терен на навремено расчистување, одржување и обезбедување на проодноста на патните правци, посебно на планинските превои. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да покажат дополнителна внимателност и одговорност при управувањето со своите возила. Препорачуваме прилагодена брзина на движење согласно условите на патиштата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата особено во услови на намалена видливост. Потсетуваме на задолжително поседување на зимска опрема во возилата“, соопштија од претпријатието.
