Во моментот во нашата земја немаме пријавен случај од несакана реакција од бесеже – нагласи проф. Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во денешната изјава за медиуми.
– Но имајќи предвид дека сакаме превентивно да дејствуваме, Комисијата даде препорака за привремено одложување на вакцинацијата со бесеже сè до моментот додека не ги добиеме комплетните информации, а тоа се: дали сериите што во моментот се користат во Хрватска соодветствуваат со сериите што ги имаме во нашата земја и МАЛМЕД ќе истражи, заедно со Институтот за јавно здравје и Министерството, дали ќе се јават некои дополнителни несакани реакции кои ќе се пријават – истакна таа.
Инаку, како што јавноста претходно беше информирана, Хрватска привремено ја суспендира примената на бесеже-вакцината по четири сомнителни случаи за ретка несакана реакција.
– Во однос на информациите што вчера беа проследени од Хрватската агенција за лекови и објавени на нивната веб-страница, тие беа проследени до нас. Денеска наутро се состана Комисијата за имунизација заедно во координација со нашата Агенција за лекови – МAЛМЕД. Ги разгледавме информациите што беа доставени до нас. Станува збор за тоа дека Хрватската агенција за лекови прекинува со вакцината бесеже имајќи предвид дека оваа иста вакцина, односно од истиот производител, се користи и кај нас. Ние денеска се состанавме со цел да ги разгледаме можните последици во однос на нас – нагласи таа.
Притоа потсети дека оваа вакцина се користи со години кај нас – повеќе од 20 – и сподели дека таа се користи и во Бугарија како земја производител, меѓутоа и во неколку европски земји, како што се Хрватска, Унгарија и Романија.
– Разгледувајќи ги аспектите што ги имаме предвид, а тоа е дополнително дека Македонија е земја од ризик во однос на туберкулозата и дека кај нас е задолжителна оваа вакцинација за разлика од Хрватска, каде што имаат многу низок степен во однос на туберкулозата, од голем интерес е вакцинацијата да биде на високо ниво, особено со оваа вакцина. И затоа оваа вакцина е во редовниот задолжителен календар во нашата земја – појасни таа.
Но, имајќи ги предвид четирите пријавени случаи во Хрватска, стапиле во контакт со нашата Агенција за лекови – МАЛМЕД.
– Во нашата земја е пријавен само еден случај, кој воопшто не е остеомиелитис, она што е пријавено во Хрватска, туку станува збор за локална реакција при апликација на бесеже-вакцината и тоа било во 2022 година – информира Грозданова.
Таа додаде дека ова е една од најстарите вакцини што се користи и што е во редовниот календар на имунизација на повеќе земји што епидемиолошки се во ризик, како што е нашата земја.
Дополнително, информира дека колегите од Институтот за туберкулоза пријавиле дека имаат 95 пациенти, од кои 83 се регистрирани во 2026 година, активни случаи на туберкулоза. Во моментот на Универзитетската клиника „Козле“ се хоспитализирани три деца, активни случаи, во 2025 тие имале 15 случаи, а во 2026 – 12 нови случаи.
– Во последните две години имаме активни случаи што во принцип се повеќе или помалку исти годишно и оттука е потребата, всушност, да бидат овие индивидуи вакцинирани. Сите овие случаи се или невакцинирани или со непознат вакцинален статус – соопшти таа.
Препораката, истакна, се дава во следните неколку дена, додека МАЛМЕД не ги собере точните информации во однос на сериите и дали постои воопшто директна поврзаност помеѓу вакцината и состојбата што настанува, тоа е остеомиелитисот. Таа изрази надеж дека привремено се одложува вакцинацијата и дека веќе од следната недела таа ќе биде континуирано продолжена.
На новинарско прашање рече дека она што се случува во Хрватска во врска со вакцините е од 1922 и 1924.
– МАЛМЕД ќе ги истражи сите серии што ги има поназад во комуникација со производителот, со доставувачот. На институционално ниво ќе комуницира со агенциите од регионот за да видат дали станува збор воопшто за серија или станува збор за повисока инциденција, која се јавува кај ова заболување. Во збирниот извештај остеомиелитисот е ставен во исклучително ретка појава како несакана реакција од оваа вакцина. Сосема ги разбирам родителите и сочувствувам со прашањата што ги имаат, меѓутоа во исто време ви кажувам дека милионски дози од оваа вакцина буквално и во моментот се даваат, затоа ги споменав оние европски земји што се многу поголеми по популација од нас – рече Грозданова.
На клиничките случаи, кои евентуално би се јавиле, се осврна проф. Катарина Ставриќ, педијатар имунолог и член на Комисијата за имунизација. Таа истакна дека во принцип, според клиничките симптоми на остеомиелитисот – воспаление на коската, станува збор за сериозно тешко заболување и може да биде предизвикано од разни предизвикувачи, а се манифестира преку сериозни симптоми, температура и нарушување на општата состојба, губење апетит, замор.
– Со оглед дека досега навистина немаме регистрирано остеомиелитис како компликација на БСЖ-вакцина, мислам дека нема потреба да се прави паника меѓу родителите. Секако, каков било здравствен проблем ако има детето, треба да се консултираат со нивниот матичен педијатар или матичен доктор за да се проследи. Сега е сезона, односно почнуваат респираторни инфекции, ќе имаат и температура и горнореспираторни симптоми на инфекција, така што мислам дека нема место за паника – истакна Ставриќ.
На настанот беше споделено дека вакцината се дава на раѓање, препораката е на раѓање сите новородени, меѓутоа може поради разни причини и да се одложи, во тек на првата година се препорачува да се прими БСЖ без никакви тестирања. По првата година, ако детето нема податок, не е евидентирано во родилиште дека примило БСЖ, тогаш веќе се препорачува да се направи манту и после година дена ако е манту-тестот негативен, кожниот тест, тогаш се препорачува да прими БСЖ вакцина.
Прашана дали може да се набави вакцината од друг производител Грозданова рече дека лимитирани се производителите воопшто на БСЖ-вакцината.
-Пред одреден број години беше еден полски производител, меѓутоа ние со години, исто како земјите од регионот, ја користиме оваа БСЖ-вакцина од „Булбио“ од Бугарија, токму поради тоа. Вакцината по распоред и календар се прима најдоцна 72 часа во родилиште, меѓутоа имате одложување и за ден, и за недела, и за месец до првата година. Што значи дека децата ќе останат заштитени, но, од друга страна, мора да бидеме свесни и за тоа дека сме ендемско подрачје за туберкулоза и дека треба да ги заштитиме. Секако, доколку се потврди каква било асоцираност, ќе се направат напори да се набават вакцини коишто ќе може да ги користиме. Редовниот календар за имунизација не треба да биде прекинат – одговори Грозданова на новинарско прашање.
Во меѓувреме, за бебињата кои се испуштаат дома, таа посочи дека доколку во семејството или во околината во којашто живеат има потврдени случаи, во тој случај, тие треба да бидат заштитени. -Мислам дека уште во тек на утрешниот ден, колегите од ТБЦ ќе комуницираат на начин што треба и како треба да се прави – одговори Грозданова на новинарско прашање.
