-Го прочитав извештајот и очигледно станува збор за несреќен, трагичен случај и очигледно е дека истрагата го потврди тоа во што се сомневавме дека се работи за трагичен настан во кој, за жал, загинаа многу наши сограѓани. И согласно тоа, мислам дека и одлуките коишто ќе ги донесе премиерот се совпадливи со извештајот и со видувања на Обвинителството, изјави Груби за ТВ Телма.

Според него, оставките на двајцата директори на болницата се неотповикливи и тука, рече, нема што да се прифаќа, додека оставките на министерот и заменик-министерот беа доставени до Владата и за нив треба да биде донесена одлука, но дека од увидот на Обвинителството јасно е наведено во извештајот.

Се очекува премиерот Зоран Заев да ја соопшти одлуката во изјава за медиумите закажана за попладнево во 16.30 часот.

Претходно денеска, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, информираше дека во Основното јавно обвинителство Тетово е доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.