Република Македонија и Албанија не треба под никаков услов да се одвојат на патот кон ЕУ. Ваков ни беше ставот и минатата година, кога всушност требаше да се оддели Албанија за да не ја попречува Република Македонија кон ЕУ. Ставот е конзистентен и сметаме дека треба да се отпочнат преговори час поскоро со ЕУ, со двете земји, како што беше ветено. Ова вечерва го изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Груби рече дека ќе работат макотропно за да се надмине, како што рече, проблемот со соседна Софија и сме готови да дојдеме до решение, но не под услов на загрозување на идентитетот, културата, јазикот на нашите сограѓани Македонци.
-Сметаме дека ставовите на актуелна Софија се бесмислени затоа што не можете да кажете на еден народ дека до 1945 година си бил едно, а од 1945 година па до денес си нешто друго. Не може да се наметнува спор дека Република Македонија има територијални претензии кон Бугарија затоа што е апсурдно, затоа што е бесмислено, не постои такво нешто, изјави Груби. ЕУ доколку стои зад својот кредибилитет, како што рече, не треба да толерира наметнување на вакви непостоечки апсурдни спорови меѓу земјите членки и земјите аспиранти.