„Ваква активност во работата со патиштата во државата, немало во последниве 10 години“, заклучија при посетата на Коридорот 8, првиот заменик премиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, заедно со нивните заменици.
Пред новинарите беше најавено дека конечно, наредната недела, кај гостиварското село Дебреше ќе почнат и градежните работи за изградбата на овој Коридор.
„Градежните работи на Коридорот 8 треба да започнат на 12 септември над село Дебреше. Досега проектирањето оди во одлична форма од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“ и сите компании кои се ангажирани. Од „Бехтел и Енка“ имаат закупено огромен дел од механизацијата и таа е веќе на пат кон нашата земја. Градежни работи се вршат насекаде, а ќе продолжат и на Коридорот 8 со минирање на планината над Дебреше и со трансфер на целиот тој материјал на новиот автопат помеѓу Тетово и Гостивар“, изјави првиот заменик премиер Артан Груби.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не можеше со сигурност да потврди дали автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен во 2023 година како што беше неодамна ветено, туку рече дека патот постојано се гради и ќе се пушта во употреба делница по делница.
„Стоиме на ставот дека сите патишта кои ги започнавме треба да направиме максимални напори да ги завршиме. Овде станува збор и за оваа делница од автопатот Скопје-Тетово, која сега се рехабилитира, и за автопатот Кичево-Охрид, кој го затековме со голем број проблеми. Проблемите се решаваат и отстрануваат, а веќе се поставува и третиот слој асфалт. Ние правиме притисоци да почне сукцесивно дел по дел да се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Ќе почне асфалтирање на третиот слој од Охрид кон Подмоље, продолжуваме кон аеродромот во Охрид, Ботун и кон Кичево“, вели министерот Бочварски.
Бочварски исто така не гледа ништо спорно во тоа што фирмата „Електра Солушнс“ која добила А лиценца за надзор врз изградбата на автопатот од Коридорот 8, лиценцата ја добила за рекордно кратко време.
„Јас подготвив еден податок од Министерството за транспорт и врски каде се гледа дека најмалку 5 фирми во последните неколку месеци имаат добиено лиценца за помалку од 5 денови, така што ова не е единствен случај“, изјави министерот Бочварски.
Груби, Бочварски и Рустеми денеска извршиле увид на поставувањето на звучна заштита на дел од автопатот Скопје-Тетово кај Сарај и на рехабилитација на делови од асфалтната лента на излезот од Тетово, а попладнево учествуваа на Саемот на вработување на „Бехтел и Енка“ преку кој се бараат работници кои ќе учествуваат во изградбата на Коридорот 8.