Од ВРЕДИ оценија дека новата ослободителна пресуда за Никола Груевски е уште една последица од измените на Кривичниот законик од 2023 година. Според партијата, тие измени создале модел преку кој се избегнува кривичната одговорност.
„Уште едно остварување на ДУИ, нова ослободителна пресуда за Никола Груевски. Уште една потврда дека измените на Кривичниот закон од 2023 година се шаблон за избегнување кривична одговорност“, се вели во соопштението на ВРЕДИ.
Од партијата повторно го отворија прашањето дали и зошто поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи се среќавал со Груевски во Будимпешта. Според ВРЕДИ, заедничката и трајна врска меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Груевски се, како што велат, нивните гревови од периодот кога биле на власт.
„Не случајно ВЛЕН го прашуваше Бујар Османи дали и зошто се среќавал со Груевски во Будимпешта. Заедничкиот содржател на трајна врска меѓу Ахмети и Груевски се нивните гревови“, наведуваат од ВРЕДИ.
Партијата тврди дека албанскиот народ и две години по заминувањето на ДУИ во опозиција сè уште ги плаќа последиците од, како што велат, нивното корумпирано владеење. Во соопштението се наведуваат Али Ахмети, Бујар Османи, Артан Груби, Никола Груевски и Сашо Мијалков како симболи на периодот на „ало началниче“, кога, според ВРЕДИ, Албанците биле користени како „топовско месо“ за политички договори.
„Албанскиот народ и две години по одењето на ДУИ во опозиција сè уште ги плаќа фактурите од нивното корумпирано владеење. Ахмети, Бујар, Артан, Груевски и Мијалков се симбол на времето на ‘ало началниче’, кога Албанците беа топовско месо за најкрвавите политички дилови“, стои во реакцијата.
Од ВРЕДИ на крајот побараа ДУИ да му се извини на албанскиот народ за, како што велат, своите постапки од минатото. Според нив, сè додека тоа не се случи, ДУИ нема право да зборува за европски вредности и домашна правда.
„ДУИ треба да му се извини на албанскиот народ за своите злодела во минатото. Сè дотогаш немаат право да отворат уста и да зборуваат за европски вредности и домашна правда“, се наведува во соопштението на ВРЕДИ.
