Поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчески, меѓу првите го коментираше скандалот уште минатата година, кога премиерот Христијан Мицкоски обелодени дека тој и членови на неговото семејство се следени и снимани. Уште тогаш Ѓурчески оцени дека партиски испостави се длабоко загрижени дека на површина ќе излезат сите незаконски дејствија што ги правеле, а овој скандал светлината на денот ја виде вчера.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) доставила три известувања до Јавното обвинителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување. Известувањата, како што велат од АНБ, се резултат на внатрешна истрага спроведена по смената на власта во 2024 година, а се однесуваат на постапувања во периодот од 2019 до 2024 година.
КУРИР вчера објави дека екс-директор на АНБ од СДСМ наредил следење и прислушување на новинари и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Актуелен директор на АНБ е Бојан Христовски, а во посочениот период со Агенцијата раководеа Виктор Димовски и Заре Милошевски, двајцата од редовите на тогаш владејачката СДСМ. Значи, опциите се две. Двете од СДСМ. Нарачателот е јасен, а скандалот огромен.
КУРИР денес разговараше со поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчески.
-Во тоа време, некој опозицијата така масовно и така силно да ја следи, па дури и да се следи семејството на опозиционен лидер е крајно недозволиво и крајно заканувачки и уценувачки, сè со цел да се попречат нормалните демократски процеси во една држава. Уште тогаш, кога Мицкоски обелодени, кажав дека е многу важно сè да се открие, да се докаже, да се обезбедат материјалните докази, токму тоа што сега е направено од страна на АНБ. Пред месец дена кога се дадени сите списи до Јавното обвинителство и сега е на потег ЈО и судовите за да спроведат една најзаконита постапка, се со цел еднаш засекогаш да се расчисти и да се стави ред во примената на посебните истражни мерки. Знаете дека нема полиција на светот која не употребува тајно следење, дури и Меркел беше прислушувана пред година дена, но во Германија за ова има одговорност. Таму се превземаат мерки на одговорност, истакна тој во изјава за КУРИР.
Коментирајќи го најновиот скандал, но и навраќајќи се на афери од минатото, екс-началникот од МВР оценува дека секогаш кога СДСМ е на власт во Македонија се нарушува безбедносниот систем.
-Овде мерки на одговорност, секогаш кога СДСМ е на власт, кога ги употребуваат овие системи, никогаш немало. Почнувајќи од аферата „Дувло“ 2005-2006 година, следењето на тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ по вториот круг од парламентарните избори. Кога дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, Доста Димовска и „Големото уво“ имаше одговорност. Веднаш се отиде на одговорност, Димовска беше аболицирана од страна на тогашниот претседател Борис Трајковски. Исто така, рушењето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2015-2016-та година почна со “бомбите“ исто така беа извадени материјали од тоа тајно следење и прислушување. Секое следење треба да биде покриено со соодветни судски налози и наредби на ЈО, не може да не бидат проследени. Треба да престане да се следат опозициони партии во искажување на своите демократски права. Право на опозицијата е секој пат да вика „Владата да поднесе оставка“, да откриваат криминални афери… Сега за прв пат имаме ситуација кога раководство поставено од СДСМ во таа Агенција за национална безбедност или поранешна УБК, да се дојде до докази. Треба еднаш засекогаш да се стави крај на тоа прислушување, да има одговорност и врз основа на најзаконита постапка – јавен обвинител, судија, во постапка да се утврдат материјалните докази и сите да бидат санкционирани. Безбедносниот систем секогаш се нарушувал односно паѓал кога сегашнава опозиција била власт. Го руинирале. Мозокот на сите тие афери околу прислушувањето е Зоран Верушевски и таа негова екипа, во која е и Виктор Димоски. Тие се заедно генерација уште од Факултетот за безбедност од 80-тите години и тие перманентно се во таа управа за примена на посебни истражни мерки каде припаѓа и тајното следење и снимање на комуникации, рече Ѓурчески во изјава за КУРИР.
Преземено од Курир