Хакери успеале да украдат дури 6,3 милијарди долари од најголемата светска берза за криптовалути „Бајненс“, во напад што се случил вчеравечер и веќе се смета за една од најголемите кражби во историјата на криптоиндустријата. Според прелиминарната анализа на компанијата за безбедност „ТРМ ЛАБС“, зад овој масовен сајбер напад стои позната севернокорејска хакерска група. Средствата експресно биле пренасочени кон низа дигитални адреси кои се под директна контрола на напаѓачите.

Од самата компанија „Бајненс“ соопштија дека влезот во системот бил овозможен преку компромитиран компјутер на еден од нивните вработени. Сепак, опсежната истрага која сè уште трае открила и дополнителни точки на безбедносно пробивање. До овој момент се замрзнати приближно три милијарди долари од компромитираните пари, а раководството на платформата категорично уверува дека сите загуби на засегнатите корисници ќе бидат целосно надоместени.

Експертот за пазар на капитал Иван Ивановски објаснува дека начинот на кој функционираат криптовалутите драстично се разликува од традиционалниот пазар на акции, што отвора простор за сериозни безбедносни ризици.

„Заради тоа е битно луѓето да сфатат инвестирањето во акции каков ризик носи, а инвестирањето во крипто каков ризик носи. Зборам од оваа страна, за безбедносен, заради тоа што, пак ќе повторам, акциите се чуваат и кај инвестицискиот фонд, и кај депозитарната банка. Ние така функционираме. И во случај едниов субјект или другиот и да биде хакиран, повторно не може. И плус, кај криптото вие може да испратите средства на било која адреса, додека кај инвестирањето во акции само лицето што ги инвестирало средствата, само може тоа исто лице назад да ги повлече средствата“, вели Ивановски.

Иако берзата „Бајненс“ ужива огромна популарност и меѓу македонските граѓани кои инвестираат во дигитални средства, Ивановски посочува дека засега нема прецизни информации за тоа колку домашни корисници претрпеле штета од упадот. Како најсигурна превентивна мерка за заштита на капиталот, тој советува користење на специјализирани физички уреди за чување на криптовалутите.

„Едното од решенијата е да користат cold wallet. Тоа е, уствари, нивен физички дел и не е врзан со интернет. На тој начин е побезбедно да се чуваат средствата, не кај менувачниците. Но, ова е случај… изолиран случај што може да се случи на секој, но тука голема е грешката и заради самото тоа што криптото е толку отворено, може директно да се трансферираат средствата“, посочува Ивановски.

Овој инцидент предизвика силен потрес и пад на вредноста на целиот криптопазар. Цените на биткоинот и на етериумот забележаа пад од околу 5 отсто, додека матичната криптовалута на берзата, БНБ, изгуби 7 проценти од својата вредност. Економските аналитичари предупредуваат дека ваквите безбедносни пропусти ќе остават долгорочни последици врз довербата на инвеститорите.