Сетек под дигитален удар – компанијата блокирана, се сомнева на хакерски напад

Хакиран е гигантот „Сетек“. Македонската компанија која е една од водечките фирми во малопродажба на електроника и домашни апарати, веќе неколку дена е целосно блокирана, а веб-страницата не функционира. Официјално, причините за прекинот сè уште не се објавени, но се шпекулира дека станува збор за хакерски напад.

Ограничувања во продажба, логистика и сервис

На официјалната веб-страница на Сетек, која моментално е недостапна за онлајн купување, објавено е кратко известување во кое се наведува дека компанијата се соочува со „технички проблеми“. Поради нив има ограничувања во системите за продажба, логистика и сервис. Во пораката до клиентите стои:

„Од тие причини дел од услугите може да бидат привремено недостапни, но нашите тимови се на располагање за да Ви помогнат. За итни случаи, контактирајте нè на нашите телефонски броеви.“

Сомнежи за хакерски напад – платите блокирани?

На социјалните мрежи веќе кружат гласини дека Сетек е мета на хакерски напад, иако компанијата досега не ги потврди ниту демантираше тие информации. Според непотврдени извори, поради „распад на дигиталната мрежа“, вработените наводно не можат да добијат плата, а постои и ризик за безбедноста на личните податоци на клиентите кои оставиле информации при нарачки или контакт со фирмата.

На платформата Редит корисниците известуваат за проблеми. Како што се вели на платформата хакерите барале пари, но Сетек одбиле. Откако одбиле, датабазата е избришана и практично целосно е хакиран Сетек.

Погледнете повеќе во продолжение:

Фото: Скриншот од Редит

Друг корисник го потврдува проблемот и апелира да се менуваат посворди.

Фото: Скриншот од Редит

Целата дискусија на оваа платформа може да ја погледнете ТУКА.

Без официјален одговор од Сетек

Компанијата засега не дава официјални изјави за природата на проблемот, ниту за тоа кога се очекува да биде надминат. Состојбата со еден од најголемите трговци со техничка стока во земјава предизвика загриженост и кај потрошувачите и кај деловните партнери.

Останува да се види дали и кога компанијата ќе излезе со официјално соопштение и со објаснување за природата на проблемите и за евентуалната изложеност на лични податоци.

Извор: Експрес