Додека се чекаат официјалните одговори од Израел и Хамас за американскиот предлог за примирје, Хамас категоричен дека нема да прифати никаков договор кој не вклучува траен прекин на огнот и сеопфатно израелско повлекување од енклавата.
„Ционистичкиот ентитет нема поднесено предлог, туку приговор на предлогот на посредниците, отфрлајќи ги трајниот прекин на огнот и сеопфатното повлекување од Газа. Затоа, чекаме јасна израелска позиција по ова прашање“, Осама Хамдан – висок функционер на Хамас.
Дипломатските напори на САД продолжуваат. Велат-ако Хамас навистина ги застапува интересите на палестинскиот народ тие ќе го прифатат договорот.
„Убедени сме дека Израел е подготвен да го спроведе овој договор, тоа е нивен предлог и речиси идентичен на тоа што Хамас го бара. Ако тие навистина ги застапуваат интересите на палестинскиот народ, како што постојано велат, без сомнение ќе го прифатат овој договор“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.
Иако Вашингтон тврди дека предлогот е израелски, се чини дека раководство во Тел Авив се дистанцира од планот, ветувајќи дека ќе продолжи со операциите до елиминирање на Хамас. Се засилуваат и тензиите меѓу Израел и Хезболах. Одбраната тврди наскоро ќе мора да донесе одлука за офанзива на северот.
„Се приближуваме до точка кога ќе треба да се донесе одлука. веќе осум месеци напаѓаме овде. Во последните денови Хезболах ги зголеми своите напади, одбраната е подготвена да премине во офанзива на север“, изјави Херзи Халеви – началник на Генералштабот на израелската одбрана.
Во истовреме, Нетанјаху на нова средба со воениот кабинет наспроти посетата на шефот на ЦИА и висок функционер на Белата куќа во Доха и Каиро. Во исчекување на примирјето во Газа, Словенија стана 147-та земја членка што ја призна палестинската државност.
Извор: МРТ